Стани партнер Најави се
Правни документи

Услови за партнери

Последна измена: 20 ноември 2026 г.

Овие услови важат за секој салон на Glowy.mk, за неговиот сопственик и за членовите на тимот што имаат пристап до контролната табла. Тие се дел од договорот за соработка што го потпишуваме со секој салон.

На оваа страница
  1. За овие услови
  2. Како функционира соработката
  3. Пристапување и проверка
  4. Кога салонот е видлив
  5. Профил, услуги и цени
  6. Тим и пристап
  7. Резервации и присуство
  8. Откажување
  9. Провизија
  10. Плаќања и исплати
  11. Банери на почетната страница
  12. Кампањи до вашите клиенти
  13. Оценки и редослед
  14. Содржина и податоци
  15. Забрането однесување
  16. Суспензија и затворање
  17. Одговорност
  18. Измени, право и спорови
  19. Контакт

1. За овие услови

Платформата ја води Anelo Technologies DOO Skopje, Kiro Krstevski 5/11, 1000 Skopje, North Macedonia.

Секој салон пред да почне да прима резервации потпишува договор за соработка со нас. Ако договорот за нешто кажува поинаку од овие услови, важи договорот.

Вашите клиенти ги користат Условите за користење, а како ги обработуваме личните податоци — и вашите и на клиентите — е објаснето во Политиката на приватност.

2. Како функционира соработката

Пристапувањето на Glowy.mk е бесплатно и нема месечна претплата. Плаќате само провизија, и тоа само кога преку нас ќе заработите од резервација.

Glowy.mk обезбедува
Страница за вашиот салон и врска за резервирање, пребарување низ цела Македонија, онлајн плаќање при резервацијата, известувања до клиентите, покани за оценка и контролна табла за термини, тим, услуги и приходи.
Салонот обезбедува
Услугите и нивниот квалитет, точни информации за салонот, услугите и цените, вработените и работното време, и ги почитува резервациите.

Двете страни работат како самостојни деловни субјекти. Вашите вработени не се наши вработени, а ние не сме ваш вработен ниту застапник надвор од она што е опишано тука и во договорот.

3. Пристапување и проверка

Регистрација
На веб-страницата внесувате салон, дејност, град, адреса, јавен телефон и податоци за сопственикот. Е-поштата на сопственикот ја потврдувате со код.
Средба и договор
Се гледаме онлајн и потпишуваме договор за соработка. ЕМБС, ЕДБ и сметката за исплата ги добиваме само од потпишаниот договор — никогаш преку формулар.
Проверка
Во Централниот регистар проверуваме дали друштвото постои, дали е активно и дали називот се совпаѓа. Сметката за исплата мора да гласи на истото правно лице. Може да побараме фотографија од просторот и да го повикаме јавниот број на салонот.

4. Кога салонот е видлив

Салонот се прикажува на клиентите само кога важат сите три услови:

Проверен
Салонот е проверен како вистинско деловно лице.
Во ред со сметката
Сметката на салонот не е суспендирана.
Комплетен профил
Назив, барем една дејност, град и адреса, телефон, работно време барем еден ден, барем една активна услуга, барем една фотографија и барем една личност во тимот што прима термини — и кога сопственикот работи сам.

Ако салонот престане да биде видлив, веќе направените резервации остануваат, се извршуваат и се исплаќаат како и досега.

5. Профил, услуги и цени

Информациите за салонот, услугите, цените и фотографиите мора да се точни и да не наведуваат на погрешен заклучок. Фотографиите треба да покажуваат вистинска работа на вашиот салон.

Цената што ја наведувате е цената што клиентот ја плаќа — онлајн при резервацијата или, од втората посета, во готово во салонот. Ништо не се доплаќа над неа. Услуга чија цена се одредува дури на столот наведете ја како посебни варијанти со фиксна цена (на пример кратка, средна и долга коса), или не нудете ја преку платформата.

Ваши попусти и кодови
Ги поставувате во контролната табла и одат на ваш товар. Ако на една услуга важат повеќе ваши попусти, клиентот го добива најголемиот.
Попуст за прва резервација
Клиентот добива 15% на својата прва резервација на Glowy.mk. Тој попуст го плаќаме ние: вие ја добивате целата цена, и провизијата се пресметува од неа.
Пакети
Пакетот е повеќе услуги во еден термин по цена што ја одредувате вие. На пакет не важат кодови и други ваши попусти.

6. Тим и пристап

Во Тим го додавате секој што работи со клиенти, вклучувајќи се себеси. Клиентите можат да резервираат само кај личност што е активна, прима термини и ја нуди услугата.

Сопственикот одлучува кој добива најава и што гледа. Сопственикот одговара за дејствата направени со најавите што ги дал, и за тоа членовите на тимот да знаат дека нивните податоци се на платформата. Најавите не се споделуваат меѓу луѓе.

7. Резервации и присуство

Потврдени веднаш
Резервацијата е потврдена штом клиентот ќе плати; не треба да ја одобрувате. Клиентите резервираат најмалку еден час и најмногу 90 дена однапред, во слободно време на личност од тимот.
Ги почитувате
Секоја потврдена резервација е обврска на салонот кон клиентот.
Работно време
Промена на работното време, затворен ден или отсуство на вработен важи само за нови резервации. Постојните термини остануваат — ако не можете да ги извршите, откажете ги според правилата подолу.
Присуство
Салонот го означува непојавувањето, и тоа најрано по почекот по почетокот на терминот. Термин што не е откажан ниту означен како непојавување се смета за завршен три часа по неговиот крај.

8. Откажување

Правилата за откажување на салонот се утврдени во договорот. Ако не е договорено поинаку, важат стандардните:

ПравилоСтандардно
Бесплатно откажување за клиентотДо 4 часа пред терминот
Доцно откажувањеСалонот задржува 50% од платеното
НепојавувањеСалонот задржува 50% од платеното
Најрано означување непојавување15 минути по почетокот
Клиентот откажува
Пред границата — клиентот ги добива сите пари назад. Подоцна — го задржувате надоместокот за доцно откажување, остатокот се враќа на клиентот.
Вие откажувате
Само пред почетокот на терминот и со причина. Клиентот ги добива сите пари назад и го известуваме по е-пошта. За откажан термин не плаќате провизија.
Лажно непојавување
Ако означите непојавување за клиент што дошол, тој плаќа надоместок што не го должи. Тоа е сериозна повреда на овие услови: секое непојавување со надоместок го чуваме за проверка.

9. Провизија

Провизијата е единствениот надоместок што го плаќате. Таа е дел од вашиот приход од резервацијата — никогаш не се додава на цената што ја плаќа клиентот.

РезервацијаПровизија
Прв завршен термин на клиентот кај вашиот салон35% од цената
Прв термин на клиент што првпат ве нашол преку вашиот линк6,9% од цената
Секој следен термин на истиот клиент кај вас6,9% од цената
Доцно откажување или непојавување6,9% од задржаниот надоместок
Откажано со целосно враќање на паритеБез провизија
Нов клиент за вас
Клиент е нов ако досега немал завршен термин кај вашиот салон — и ако со години користи Glowy.mk кај други салони. Провизијата од 35% се плаќа само еднаш по клиент, кога навистина ќе го услужите.
Вашиот линк
Секој салон има свој линк, glowy.mk/s/…, во Маркетинг → Линк за закажување, за Instagram, веб-страницата, Google и Facebook. Клиент што првпат ве наоѓа преку него за првиот термин носи 6,9%, не 35%. Ако претходно ве нашол на Glowy.mk — во пребарувањето, на почетната или во апликацијата — важи 35%: првиот контакт одлучува.
Само кога сте заработиле
Провизија се пресметува еднаш по резервација, и само за термин што е завршен или за кој е задржан надоместок. Откажана резервација не ја троши провизијата за нов клиент.
Утврдена при пресметката
Стапката и износот се запишуваат кога провизијата е заработена, заокружени еднаш. Ако стапките подоцна се сменат, тоа не важи за веќе пресметаните.

10. Плаќања и исплати

Клиентите плаќаат онлајн, при резервацијата. Вашиот дел од секое плаќање се исплаќа на сметката од договорот, а провизијата се задржува во истиот чекор. Рокот на исплатата е утврден во договорот. Клиент што веќе имал завршен термин кај вас може следниот да го плати во готово, во салонот, ако тоа го дозволите во Поставки → Наплата: тие пари ги наплаќате директно и на нив нема провизија. Термин во готово не е платен однапред, па ризикот клиентот да не дојде е ваш.

Враќање пари
Ако клиентот има право на враќање, на пример кога откажувате вие, износот се враќа од вашиот дел. Ако тој веќе ви е исплатен, се одзема од следните исплати.
Оспорено плаќање
Ако клиентот го оспори плаќањето кај својата банка, ве прашуваме за доказ дека услугата е дадена. Ако спорот се изгуби затоа што услугата не е дадена, износот се одзема од вашите исплати.
Преглед
Во Плаќања во контролната табла го гледате секое плаќање, провизијата и исплатата. Изводите и фактурите за провизијата ги праќаме на е-поштата на сопственикот.
Даноци
Секоја страна е одговорна за своите даноци и придонеси.

11. Банери на почетната страница

Банерот и кампањите, од втората натаму, се единственото што може да го купите покрај провизијата, и ниедно не е задолжително. Банерот го купувате во Маркетинг и го плаќате онлајн.

ТраењеЦена
1 недела600 ден.
2 недели1.200 ден.
1 месец1.800 ден.

Прво ги подготвувате сликата (1200 × 520 пиксели) и денот на почеток, а потоа плаќате. Платениот банер почнува на избраниот ден и трае колку што е платено. Се прикажува на почетната страница, означен како платен, на клиентите во вашиот град — најмногу 10 банери по град истовремено. Прегледите и кликовите ги гледате во Маркетинг.

Банерите не ги прегледуваме пред објава, но и за нив важат правилата за содржина подолу. Банер што ги прекршува можеме да го отстраниме. Банерот не влијае на редоследот на салоните во пребарувањето.

12. Кампањи до вашите клиенти

Во Маркетинг → Кампањи пишувате понуда, а ние ја праќаме по е-пошта и известување до клиентите што прифатиле понуди од вашиот салон. Нивните адреси и броеви не ги гледате, само збирни бројки.

КампањаЦена
ПрватаБесплатна
Секоја следна199 ден.

Платената кампања ја плаќате онлајн, на последниот чекор, пред да тргне. Потврдената кампања не може да се откаже, па платеното не се враќа. Ако платена кампања не може да тргне — на пример, избраниот час поминал додека плаќавте — ја испраќате подоцна без ново плаќање.

13. Оценки и редослед

Оценка може да остави само клиент чиј термин кај вас е завршен, без разлика дали платил онлајн или во готово, преку покана што ја праќаме ние по секој завршен термин додека не ве оцени. Врската од поканата не ја гледате вие, една оценка по клиент, и оценката е за салонот. Оценките не можете да ги бришете.

Не смеете сами да пишувате оценки, да ги купувате, да нудите попуст или подарок за оценка, ниту да означувате непојавување за да спречите оценка. Оценка што ги прекршува правилата пријавете ја на support@glowy.mk.

Како се подредуваат салоните

Пребарување
Клиентот избира редослед: Препорачано (најмногу неодамнешни резервации, па оценка), Најблиску, Оценка или Цена.
Почетна страница
Кои салони се на почетната страница одлучуваме ние. Таму се подредени во редови: најдобро оценети, нови, најрезервирани во последните 90 дена, и промоции — по големина на попустот.
Банери
Се прикажуваат во посебен ред, означени како платени.

14. Содржина и податоци

За фотографиите и текстовите што ги поставувате мора да имате право, а луѓето на фотографиите да се согласиле. Ни дозволувате бесплатно да ги прикажуваме на Glowy.mk и да го промовираме вашиот салон со нив, додека сте партнер. Содржината останува ваша. Од секоја фотографија ги отстрануваме вградените податоци за локација и уред. Содржина што е невистинита, туѓа или несоодветна можеме да ја отстраниме.

За клиентите гледате само име и историја кај вашиот салон — не телефон и е-пошта. Користете ги само за услугата што ја резервирале и не ги копирајте надвор од платформата за реклами.

15. Забрането однесување

Лажни резервации и оценки
Резервации и оценки за вашиот салон што не се од вистински клиенти.
Лажни непојавувања
Означување непојавување за клиент што дошол.
Заобиколување на плаќањето
Барање од клиент да ја откаже резервацијата на платформата за да плати директно кај вас.
Погрешни информации
Цени, услуги или фотографии што не одговараат на вистината.
Злоупотреба
Навредување, дискриминација или малтретирање на клиенти.

16. Суспензија и затворање

Доцнење
Едно доцнење со обврска не го крие салонот. Суспензијата е посебна одлука, не автоматска последица.
Суспензија
Можеме да го суспендираме салонот ако ги прекрши овие услови. Претходно ве известуваме со причината и ви даваме можност да одговорите, освен при измама или опасност за клиентите. Суспендираниот салон не се прикажува, а постојните резервации се извршуваат и исплаќаат.
Вие заминувате
Салонот го затворате кога сакате, од Мојот профил, со вашата лозинка — откако нема претстојни термини. Претходно откажете ги, со целосно враќање на парите, или почекајте да поминат.
Ние раскинуваме
Со известување 30 дена однапред, или веднаш при сериозна повреда: измама, лажни непојавувања, лажни оценки или услуги без потребни дозволи.
По затворањето
Ги бришеме сметката на сопственикот, најавите на тимот и фотографиите. Резервациите, плаќањата и провизијата остануваат како финансиска евиденција, а конечната пресметка се прави според договорот.

17. Одговорност

Вие одговарате за услугите, за дозволите, регистрациите и осигурувањето што ви се потребни, за вашиот тим и за хигиената. Ако клиент или орган бара надомест поради ваша услуга, тоа е ваша обврска.

Се трудиме платформата да работи без прекин, но не гарантираме број на резервации ниту непрекината достапност. Колку што дозволува законот, не одговараме за индиректна штета и изгубена добивка.

18. Измени, право и спорови

За измени на овие услови ве известуваме по е-пошта најмалку 15 дена однапред, а за промена на стапките на провизија — 30 дена. Ако не се согласувате, можете да го затворите салонот пред измената да почне да важи.

Се применува правото на Република Северна Македонија. Спор прво се обидуваме да го решиме заедно; ако не успееме, надлежен е судот во Скопје.

19. Контакт

Контактирај поддршка
Пишете ни на support@glowy.mk.
Услови за користење
Условите што важат за вашите клиенти.
Политика на приватност
Кои податоци ги собираме и зошто.

Закажувај убавина —
брзо и едноставно.

Наскоро наApp Store Наскоро наGoogle Play

© 2026 Glowy.mk. Сите права задржани.

Апликација ПребарувањеСалониПонудиРезервацииОмилениFAQ
Компанија За насПартнериКариераБлогКонтактПриватностУсловиКолачињаПодатоци за фирмата
Социјални InstagramFacebookTikTokXLinkedInYouTube